Германскиот државјанин М.С.К. од Германија, кој вчера остана без двете регистарски таблички од рента кар возило „пежо“ со скопски регистарски таблички во грчкото одморалиште Паралија, е 64 случај на оштетување на возила на македонски државјани во соседна Грција од почетокот на туристичката сезона, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Македонската гранична полиција овој последен случај го евидентираше вчера на Граничниот премин “Богородица“, а од страна на М.С.К. кражбата не била пријавена во грчката полиција.
Од пријавените оштетувања од страна на македонските државјани, 41 се кражби на регистарски таблички, од кои во 29 случаи на возилата им биле украдени обете таблички. Во однос на оштетените возила, стои во соопштението, бројката на вакви настани порасна на 23 случаи.
Од сите случаи, 36 биле пријавени и на грчката полиција, но досега како што информираат МВР се уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите. Бројот на лица од Скопје кои пријавиле кражба на регистарски таблички или оштетување на моторно возило и натаму предничи и изнесува 34, останатите пријави се на лица од други места од државава и еден странски државјанин.