Обвинителот на Ватикан денеска изјави дека има нови откриени индиции „вредни за понатамошна истрага“ во случајот со ученичката Емануела Орланди, која исчезна пред 40 години.
Петнаесетгодишната Емануела, ќерка на вработен во Ватикан, не се вратила дома на 22 јуни 1983 година, по часови по флејта. Во тоа време таа живеела со семејството во Ватикан. Нејзиното исчезнување е една од нај долготрајните мистерии во Италија.
Случајот повторно го привлече светското внимание откако на крајот на минатата година беше објавена серијата „Vatican Girl“ на Нетфликс.
Главниот обвинител на Ватикан, Алесандро Диди, во јануари објави дека повторно ја отвора претходната, неубедлива истрага на Ватикан, откако ги наследил досиејата од неговиот претходник, кој во меѓувреме се пензионираше.
Тој денеска објави дека членовите на неговиот тим ги прегледале сите докази што им се достапни и разговарале со луѓе кои работеле во „одредени канцеларии“ пред 40 години. Тие „им ги потврдија деловите од истрагата кои несомнено се вредни за нејзино продолжување“, рече Диди.
Диди, исто така, рече дека неодамна ги предал информациите за неговите наоди на италијанските обвинители за да можат да одлучат што е најдобро да се направи во овој случај. Ватикан одлучи Диди да продолжи со понатамошната истрага за случајот.
Папата Франциско јавно го критикуваше братот на Емануел Орланди, откако на државната телевизија пуштил аудио снимка од наводниот криминалец кој вели дека во Ватикан се носат девојчиња за таму да бидат малтретирани и дека тогашниот папа Јован Павле Втори знаел за тоа.