Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во Молдавија дека Париз и Берлин денеска апелираа до Србија и Косово што е можно поскоро да организираат нови локални избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово.
По заедничките средби на Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц со претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи, францускиот лидер пред новинарите изјави дека тензиите на северот на Косово се резултат на локалните избори, на кои на 23 април излегоа само три отсто од запишаните гласачи.
„Ние целосно ги поддржуваме сите повредени, пред се војниците на НАТО. Ги повикавме двете страни да организираат нови избори што е можно поскоро во четири општини (на северот на Косово) и на нив да учествуваат српските претставници“, изјави Макрон.
По самитот во молдавското село Булбоака, Макрон изјави и дека шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ќе разговара со лидерите на Србија и Приштина за прашањето за одржување нови избори.
„Како што знаете, Германија и Франција предложија план и сега треба да се спроведе“, додаде Макрон, мислејќи на Договорот за патот кон нормализација на Белград и Приштина, за кој лидерите на двете страни се договорија на 27. февруари и 18. март.
Во близина на зградите на локалните самоуправи во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан денеска продолжија протестите на Србите, четврти ден по ред. Во судирите меѓу граѓаните и војниците на КФОР и припадниците на косовската полиција во понеделникот десетици лица беа повредени од двете страни.