Десетици војници на НАТО утрово ја обезбедија општинската зграда во косовскиот град Звечан, каде што претходниот ден во судирите беа повредени 30 војници на НАТО и 52 српски демонстранти. Неколку Срби се собраа пред зградата, но ситуацијата беше мирна, потврди репортерот на Ројтерс. Војници од САД, Италија и Полска застанаа спроти нив со опрема за сузбивање немири.
Силите на НАТО во Косово, КФОР, вчера соопштија дека 30 нивни војници биле повредени во судирите. Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се повредени 52 Срби.
Во друг град со српско мнозинство, Лепосавиќ, градоначалникот, кој е Албанец, не можел да ја напушти канцеларијата повеќе од 24 часа поради демонстрантите пред канцеларијата, пишуваат медиумите.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во понеделникот го осуди насилството.
„Насилните акти извршени врз силите на КФОР, медиумите, цивилите и полицијата се апсолутно неприфатливи“, напиша тој на Твитер.