Телото на бразилскиот актер Џеферсон Мачадо (44), кој исчезна пред речиси пет месеци, е пронајдено закопано во двор во куќа во Рио де Жанеиро.
Веста дека актерот е пронајден мртов ја објави семеен пријател на својот профил на социјалните мрежи.
– Со големо жалење ве известуваме дека Џеф е пронајден мртов – напиша Синтија Хилсендегер во објавата.
Полицијата соопшти дека телото на актерот е пронајдено врзано и набиено во дрвена кутија, која потоа е закопана два метри под земја во дворот на приватна куќа во населбата Кампо Гранде. Тој беше идентификуван врз основа на неговите отпечатоци од прсти.
– Рацете му беа врзани зад главата – рече семејниот адвокат и нагласи дека на актерот му била обвиткана жица околу вратот, што укажува дека најверојатно бил задавен.
Адвокатот додаде дека телото било испрскано со некоја хемикалија за да не се почувствува непријатниот мирис на распаѓање.
Ковчегот бил ископан и извлечен од тим од девет луѓе кои прво морале да го скршат бетонскиот под со дупчалка.
Полицијата во Бразил трага по маж кој го изнајмил имотот.
Неидентификуваниот осомничен, кој наводно го познавал Мачадо, последен пат бил виден како влегува во куќата пред околу еден месец.
– Џеферсон беше ладно и брутално убиен од завидливи и зли луѓе – напиша Хилсендегер на Инстаграм профилот на актерот.
Откривањето на телото, исто така, го означува крајот на сагата што започна откако Мачадо, кој е роден во Рио, исчезна во јануари, а полицијата соопшти дека последен пат бил виден во Кампо Гранде.
Семејството на Мачадо дозна за неговото исчезнување дури откако една невладина организација ги извести дека неговите осум кучиња се сами во куќата со денови. Меѓутоа, во текот на следните месеци, семејството добиваше пораки од некој за кој се сомневаше дека се претставува како актерот, пишува „Дејли мејл“.
Мајката на Мачадо, Марија дас Дорес, рече дека преписката и била сомнителна бидејќи била полна со правописни грешки и не и се чинело дека се допишува со нејзиниот син. Таа престана да добива повици од него, а лицето кое и се претстави како Мачадо и објасни дека телефонот му паднал во тоалет.
Семејството стана сè позагрижено откако забележа дека лозинката на „облакот“ на Мачадо е сменета и дека неговото следење на моментална локација е оневозможена.
Мачадо почна да глуми во 1997 година и е познат по улогите во сапунските серии.