Пуштени се во продажба билетите за 32-то издание на Скопскиот џез фестивал, што оваа година ќе се одржува од 17-ти до 21 октомври.
На првата вечер во МОБ ќе настапат британско-словенечкиот тандем Еван Паркер/Златко Каучич и Британците Гет д’ Блесинг за кои цената на влезницата е 400 денари.
Билетот за настапите на норвешкото дуо Сидсел Ендресен/Стиан Вестерхус и на квартетот на легендарниот американски гитарист Џон Аберкромби на 18 октомври во МОБ се продава по цена од 600 денари.
Балканската премиера на проектот „Балкан Февер” со харизматичниот диригент Кристјан Јарви, Македонската филхармонија, Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов ќе биде на 19 октомври во Универзална сала, а цената на билетот е 800 денари.
Исто толку ќе чини и влезницата за следната вечер во Универзалната сала, на која ќе се претстави легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман, како и џез-иконата Роско Мичел со своето трио.
За концертите на славниот Дејв Холанд и неговиот последен проект „Присм“ и на новата ѕвезда на евопскиот џез Ибрахим Малуф, на последната фестивалска вечер во Универзалната сала, посетителите ќе треба да платат 600 денари.
Влезниците за полноќните концерти, што ќе се одржуваат од 18-ти до 21 октомври во Сити хол центар (поранешен „Хард рок“), ќе бидат по цена од 300 денари.
Комплетот билети за сите вечери (вкучувајќи ги и полноќните концерти) се продава по цена од 2.600 денари. Влезниците за 32. Скопски џез фестивал може да се набават во: Југотон рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com.