Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на самитот на Арапската лига (АЛ) ги повика земјите учеснички да ја поддржат неговата мировна иницијатива за ставање крај на руската војна во Украина. Зеленски пристигна во Џеда со авион на француската влада и ова е негова прва посета на Саудиска Арабија во својство на претседател на земјата.
Во своето обраќање тој рече дека секој пратеник ќе го добие текстот на мировниот план од 10 точки и ги покани директно, без посредници да соработуваат со Украина.
„Ве повикувам сите вас кои го цените мирот да се придружите на имплементацијата на оваа мировна формула и на тој начин да придонесете за намалување на непријателството, војните, страдањата и злото. Русија е слаба, ја победивме кога имаше повеќе оружје во рацете. Нејзината агресивност не доаѓа од силата, туку од разбирањето дека времето на империите помина“, рече Зеленски.
Како добар пример за формула за мир од која другите можат да имаат корист, вклучително и земјите од Арапската лига, тој ја наведе Црноморската иницијатива за житарки, која и овозможи на Украина, важен извозник на жито, да продолжи да извезува на глобално ниво.
Црноморскиот договор за извоз на украинско жито беше продолжен во средата за уште два месеци, со помош на ОН и Турција.
ОН и Турција, исто така, посредуваа за првиот договор за извоз на жито од 120 дена во јули минатата година за да помогнат во решавањето на глобалната криза со храна, која беше влошена со инвазијата на Москва на Украина.