Четири деца, меѓу кои и 11-месечно бебе, се пронајдени живи повеќе од две недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла во колумбиската провинција Какети. Децата се спасени од припадници на војската, пожарникари и претставници на цивилната авијација по двонеделна потрага.
Спасувачите, поддржани од кучиња трагачи, претходно пронјдоа фрлено овошје кое децата го јаделе за да преживеат, како и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла. Несреќата се случи кога авион „Цесна 206“, во кој се превезува седум лица меѓу Аракуара, провинцијата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавијаре, град во провинцијата Гуавијаре, се урна во џунглата.
Во несреќата загинаа тројца возрасни, меѓу кои и пилотот, а нивните тела беа пронајдени во авионот. Четири деца на возраст од 13, девет и четири години, како и едно 11-месечно бебе, кои припаѓаат на домородното население Уитото, ја преживеаа авионската несреќа.
„По макотрпна потрага на војската, најдовме живи четири деца кои исчезнаа по авионската несреќа во Гуавијаре“, објави колумбискиот претседател Густаво Петро во објава на Твитер.
Џунглата е многу густа и опасна во таа крајно оддалечена област, а потрагата беше отежната поради присуството на диви животни, дрвја високи и до 40 метри и обилните дождови.
Причините за несреќата се уште не се утврдени. Според цивилната заштита, пилотот пријави проблеми со моторот на авионот пред да исчезне од радарот.