Одборот на бранителите денеска одбележа 22 години од масакрот на осумте припадници на безбедосните сили, што се случи на 28 април 2001 година помеѓу селата Селце и Вејце на Шар Планина во месноста Брезовица. Беше оддадена почит со минута молк, како и положување цвеќе пред плочата со имињата на загинатите полицајци и војници од претставници на Одборот, повеќе организации и здруженија, полицијата, Армијата, МВР и политички партии.
– Ваков злостор во таа воена 2001 година не е забележамн никаде на друго место освен овде на Шара, овде каде и до ден денес после 22 години нема никаков знак на сеќавање на жртвите убиени во одбрана на својата татковина. Свесни дека ниту една цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека еден ден оние кои го направија овој злочин правдата ќе ги стигне, бидејќи правдата понекогаш спие, ама никогаш не умира. Не отидоа сами во смрт, туку државата ги испрати, таа побара а тие го дадоа своето највредно-својот живот, порача во обраќањето Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
Според него, по 22 години, бранителите се запоставени и игнорирани во сопствената држава без трунка грижа.
– Според мене успешно ја одбранија не жалејќи ги своите животи, врадувајќи ги во темелите на денешнината, нивните рожби, сега веќе оформени граѓани на оваа наша татковина, се прашуваат зошто нивните родители ги дале своите млади животи жртвувајќи го најплеменитото-животот. Не постои изговор со кој би се оправдал заборавот, како што не постои и посвета должност од паметење, рече Најдов.
Тие што ја напаѓаат државата добија максимум, а тоа е амнестија, порача Најдов.
-Многу сме незадоволни што ни се случува во државата ние бранителите. Политичките структури нека ги гледаат своите интереси, но првенствено државата. Имаат имаат обврска кон неа,а таа е светилник кон сите во државата. Ние никогаш нема да се сложиме, да се изедначеле бранителите со оние кои што ја напаѓаа државата. Тоа не е возможно. Тоа бранителите нема да го дозволат никогаш, ние оваа држава ја чувствуваме за своја, а они не сум сигурен, порача Најдов.
Покрај спомен обележје кое го донесоа од Одборот на бранителите со имињата и фотографии на убиените, на местото денес политичката партија Левица постави нова плоча.
На 28 април 2001 беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и полицајци при ОВР Битола – Роберт Петковски (27) Игор Костески (26) Миле Јаневски (30) Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24) Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).
Фото:МИА