Северна Македонија и Албанија како сојузници во НАТО се подготвени за збогатување на меѓусебната соработка, со цел на уште поактивен придонес за безбедноста во регионот и пошироко, посочиле на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и албанската министерка за Европа и за надворешни работи, Ољта Џачка.
На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, беше изразено задоволство од континуираниот политички дијалог и севкупниот развој на билатералните односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат три децении од воспоставувањето на дипломатските односи.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации за текот на билатералниот скрининг на двете држави со Европската Унија.
Претседателот Пендаровски и министерката Џачка разговараа и за состојбите во регионот, со фокус на дијалогот Белград-Приштина по последната рунда разговори во Охрид, како и за случувањата во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина.