Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва (20.45 часот) ќе го пречекаат Мотор Запорожје во последното десетто коло на Европската лига на ЕХФ. Пресметката во салата „Боро Чурлевски“ е клучна, со оглед дека два тимата се во директна битка за пласман во плеј-офот.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер, ќе ги нема на располагање искусниот Гоце Ојлески и младиот Павле Атанасијевиќ, а подолг период отсутни се Сери и Ѓорговски.
„Очекувам квалитетен натпревар и голема поддршка од публиката“, изјави тренерот Ларс Валтер.
Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје досега имаат одиграно само еден меѓусебен натпревар, оваа сезона во рамките на групите. Битолчани славеа со 30:33 на гостински терен.
Извор: Топспорт