58 мигранти мигранти, вклучително и деца и новороденче старо неколку месеци, загинаа откако помал брод потона утрово недалеку од италијанскиот град Кротоне во Калабрија, информираа иналијанските власти.
Несреќата ја преживеа осумдесет и едно лице, од кои 20 се хоспитализирани. „Според преживеаните, на бродот имало од 140 до 150 луѓе“, изјави за Ројтерс Мануела Кура, претставник на провинциската влада.
Пожарникарите соопштија дека на чамецот имало повеќе од 200 луѓе, а тој се распаднал на карпите на неколку метри од брегот.
Кура изјави за Ројтерс дека бродот со мигранти испловил пред три или четири дена од Измир, Турција, додавајќи дека на бродот имало луѓе од Авганистан, Пакистан и Сомалија.
„Десетици и десетици се удавија, меѓу кои и деца, а многумина се сметаат за исчезнати. Калабрија тагува за оваа страшна трагедија“, изјави претседателот на регионот Роберто Окиуто. Папата Франциско рече дека се моли за сите овие луѓе.
„Се молам за секој од нив, за исчезнатите и преживеаните мигранти“, рече Папата во своето неделно обраќање до верниците.
Италијанската полиција објави фотографии од остатоците од дрвениот чамец расфрлани по стотина метри од плажата, заедно со бројни спасувачи и спасени мигранти кои чекале на плажата да бидат пренесени до прифатните центри.
Изразувајќи „длабока тага“ за несреќата, италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека „криминално е да се пушти на море брод долг едвај 20 метри со 200 луѓе и лоша временска прогноза“. Мелони нагласи дека италијанската влада работи на спречување на вакви инциденти и повика на поголема соработка меѓу земјите за мигрантите.
Несреќата се случи неколку дена откако италијанскиот парламент ги усвои контроверзните нови правила за спасување мигранти. Новиот закон ги обврзува хуманитарните бродови да се вратат во пристаништето по една спасувачка операција и да не интервенираат во други ситуации, иако жртвите не се далеку, што може да трае со денови.
Покрај тоа, овие пристаништа често се многу далеку, што дополнително ги комплицира повеќекратните спасувачки операции. Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на годината во Италија дошле речиси 14.000 мигранти, наспроти 5.200 во истиот период лани и 4.200 во 2021 година.
Невладините спасија само мал дел од нив, а на мнозинството им помогна крајбрежната стража или морнарицата. Владата ги обвинува невладините дека ги поттикнуваат мигрантите да доаѓаат и ги охрабруваат шверцерите на луѓе.