Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“

Од:

По кратко боледување денеска почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“.

Гоце Камчев беше еден од најуспешните визионери и менаџери во нашата земја и остави зад себе компанија која е меѓу најуспешните во регионот. Целото искуство, знаење и вештини, стекнати во текот на школувањето и работата со познати компании од земјата и од странство, несебично ги пренесуваше и споделуваше со вработените, кои го препознаваа како голем учител, неуморен пренесувач на знаења. Истовремено беше насочен и кон раст и развој и на нашата држава, а успешна Македонија беше една од неговите цели.

– Во мојот живот три работи ми беа и ми останаа важни – семејството, работата и мојот народ – знаеше да каже.

Камчев е основач на повеќе компании во областа на трговијата, производство, земјоделство, угостителство и недвижности. Компаниите што ги изгради кои се дел од „Камчев груп“ во моментов вработуваат над 1.800 лица и придонесуваат за развојот и добробитта на целокупното општество. „КАМ“ трета година е меѓу најголемите 10 компании во земјава, која во текот на минатата година реализира приход над 273 милиони евра. На нас останува да го негуваме споменот и да ја продолжиме неговата визија.

Гоце Камчев е роден на 28 април 1945 година во Скопје и потекнува од релативно сиромашно работничко семејство. Уште од средното училиште се насочува кон економијата, а потоа образованието го продолжува и на Економскиот факултет во Скопје. Подоцна завршува и постдипломски студии од областа на економскиот развој.

Во текот на своето образование континуирано ја негува својата желба за учење, читање и знаење.

Во текот на својата долга кариера работел на високи позиции во Комерцијална банка, дрвна индустрија „Треска“, „Македонија табак“, „Магро“… Меѓу неговите успеси се и рекордните извози на македонско вино на странските пазари. Како претставник на „Магро“ со семејството заминува во Германија, каде што создава важни контакти и го надградува своето искуство.

На 45-годишна возраст Гоце Камчев е подложен на операција на срцето, по што лекарите му советуваат да се пензионира. Наместо пензија, тој почнува нова етапа од својата кариера.

Во 1990 година ја основа компанијата „Интеркам“, еден од првите дистрибутери во Македонија. Во малопродажниот сектор влегува во 1995 година кога ја основа компанијата „Камфуд“, чиј прв современ супермаркет беше отворен во Градскиот трговски центар во Скопје на површина од 1000 квадратни метри.

Инспириран од германскиот синџир „Алди“, Камчев се насочува кон принципот „хард дисконт“ и го основа „КАМ“ во 1999 година, компанија која континуирано расте и се развива, па денес покрај 76-те маркети во Македонија, присутна е и во Косово со 23 маркети и во Бугарија со 24 маркети. Преку „КАМ маркет“ тој ја реализира својата визија да обезбеди поквалитетен, а поевтин производ со цел да им излезе во пресрет на граѓаните.

– Придонесовме за куповната моќ на нашите граѓани и тоа го гледаме како наш најхуман придонес во нашето постоење – велеше Камчев.

Дел од неговото портфолио се и забавно-трговскиот центар „Вилиџ Вања Камчев“, хотел „Вилиџ“, два трговски центри во Скопје и во Битола, како и најголемиот логистички центар во земјава, кој е дел од „КАМ маркет“. Во својата богата и плодна кариера Камчев инвестрираше и во фабриката за производство на кондиторски производи „Прогрес“, сегашно „Виго-48“, и фармата „Сточарство во Богданци“.

Семејството и пријателите ќе се збогуваат од Гоце Камчев в недела 5 февруари 2023 година. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капела во 12 часот, додека погребот ќе се одржи во 14 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Лажни наградни игри – кликот за „бесплатна награда“ води до злоупотреба на личните податоци

Петар Клинчарски

Камчев е на слобода, двете години затвор намалени за четири месеци со спојување на казните

Кристијан Ландов

„Жената лута“ рече Камчев за Катица Јанева која го праша: Точно ли е дека „Стопанска банка Битола“ е пералница на пари?

Кристијан Ландов

Боки 13 го испрашуваше Камчев, бизнисменот тврди дека не разговарал со Заев за „Империја“ туку за рекет од „1ТВ“

Кристијан Ландов

УЈП во 84 маркети на „КАМ“ пребројува шеќер, зејтин, брашно, се утврдува дали залихата е иста како во сметководствената евиденција

Кристијан Ландов

Камчев со имот на една фирма во четири градови, гарантира дека нема да бега

Кристијан Ландов