Словенија има потреба од надворешна финансиска помош за да ја спроведе докрај банкарската реформа и не треба да се плаши да побара средства, изјави денеска главниот економист на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Ерик Берглоф.
Тој ова го изјави за време на средбата на финансиските лидери, на која многумина од нив оцениле дека малата земја од еврозоната ќе биде принудена многу брзо да побара меѓународна помош за да го заврши процесот на заздравување на презадолжениот финансиски сектор.
– Словенија наскоро ќе има потреба од меѓународни ресурси за да ја спроведе програмата за банкарските реформи. Прашање е дали ќе може да го направи тоа без официјална програма на ЕУ и ММФ. Владата е навистина решена да го направи тоа, но ако е така тогаш треба да дејствува многу брзо, нагласи Берглоф.
Словенечката Влада, која има проблем да се справи со најмалку 7,5 милијарди евра банкарски долгови кои се појавија во последната година, доби малку време во мај кога издаде две емисии обврзници во вкупна вредност од 3,5 милијарди долари со камата од шест проценти. Но, трошоците за заздравување на банкарскиот систем постојано се зголемуваат.
Минатата недела гувернерот на словенечката централна банка Боштјан Јазбец изрази уверување дека Словенија е способна сама да ги реши своите финансиски проблеми, иако призна дека ќе ја чини помалку доколку побара помош однадвор.