Директорот за санкции Марјан Спасовски одново е демантиран за тврдењето дека министри за правда му забраниле да дозволи интервју со осуденикот Бојан Јовановски-Боки 13. По актуелниот министер Тупанчески, сега и ексминистерот Маричиќ тврди дека не се мешал во барањата испратени од „А1он“, кои се одбиени. Наспроти тврдењето на директорот Спасовски дека заеднички со Маричиќ се договориле да не се дозволи интервју, со што Боки 13 беше замолчен, ексминистерот за правда и актуелен вицепремиер вели: „Како министер за правда никогаш не сум се мешал во ставовите околу барањата за дозволи за снимање и правење интервјуа во казнено поправните домови“. Ова би значело дека Спасовски го злоупотребил и името на Маричиќ, за да ја оправда својата одлука. Маричиќ за „А1он“ посочува дека е тоа работа на директорот за санкции што ја прави според проценки. За истото законот не предвидува консултација со министерот.
„Сум немал извршен механизам да дозволувам или да не дозволувам интервјуа со затвореници. Исто како што не сум забранил ниту сум одобрил нечие барање за интервју. Тоа е работа на директорот на УИС, која ја прави според претходни проценки во комуникација со директорот на затворот. Дали некоја одлука ќе биде одбиена или не, секогаш била нивна одлука, според нивните проценки. Дополнително, во време кога бев министер за правда побарав од Управата за санкции да не ме информираат за барањата, иако нивната пракса дотогаш била спротивна на ова. Нивна надлежност беше да проценат дали има можност и услови за нивна реализација и да одлучат за серијата барања кои пристигнуваа за конкретниот случај. Само тоа сум го барал од нив, не и да ми кажуваат, ниту пак кои се причините за нивните одлуки“, вели Маричиќ за „А1он“.
Маричиќ смета дека директорот Спасовски со неговите изјави не може да го компромитира, затоа што кога бил министер ги почитувал законите.
„Не постоеле ниту причини, ниту намери, ниту надлежност да се занимавам со одобрување или одбивање на интервјуа. Дотолку повеќе што јавноста во цел овој период не беше лишена од ставови, Фејсбук статуси, изјави и интервјуа дадени од конкретното осудено лице. Доколку сум забранувал јас или на каков било начин сум бил пречка за добивање на позитивно мислење на барањата, веќе една година не сум министер за правда и тоа досега можеше да се случи“, додаде Маричиќ.
За одбиените барања за интервју, директорот Спасовски говореше во интервјуто за „А1он“. На прашање „Министрите проблем се?“, тој одговори: „И министрите не дозволуваат, нормално дека се координираме“. Потоа додаде: „Заедничка одлука сме донеле дека од безбедносни причини не е.“
Кога го потсетивме директорот Спасовски дека уште минатата година, Маричиќ негираше дека има било каква поврзаност со забраната за интервју со Боки 13, тој во за „А1он“ додаде: „Како може Маричиќ да го забрани? Ваљда заеднички сме донеле одлука“.
Директорот Спасовски во интервјуто и сам прочита што кажал пред една година поврзано со одбивањето на интервјуто со Боки 13, па го промени ставот: „Апсолутно се согласувам дека министерот не дозволи. Одлуката е донесена заедничка“, а на реакцијата дека претходно кажал дека министерот не му дозволил, додаде: „Нормално дека заеднички носиме одлуки со министерот. И сме барале безбедносна проценка од затворот“.