Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром, рече дека ЕУ е „подготвена за долга војна“ во Украина и дека ќе го поддржи Киев против руската агресија „се додека е потребно“.
„И покрај постојаните обиди на Русија да не подели, единството во ЕУ и преку Атлантикот беше силно. ЕУ е подготвена за долга војна и ќе продолжи да стои до Украина со политичка, економска, воена и хуманитарна поддршка сè додека е потребно“, рече Билстром на конференцијата за новинари, пренесува Ројтерс.
Тој најави дека ЕУ ќе продолжи да работи на дополнителни санкции против Москва поради инвазијата на Украина, откако веќе се усвоени девет пакети мерки од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.