Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изрази „екстремна загриженост“ по тврдењата на Белорусија дека остатоците од украинската ракета вчера паднале на нејзина територија.
„Кремљ е загрижен поради инцидентот со падот на украинската ракета во Белорусија“, изјави Песков за новинарите.
„Ова е настан што предизвикува екстремна загриженост не само за нас, туку и за нашите белоруски партнери“, продолжи Песков, додавајќи дека вооружените сили на двете земји „се во постојан контакт“.
Коментарите на Песков доаѓаат откако белоруското Министерство за одбрана вчера тврдеше дека нејзината противвоздушна одбрана соборила проектил, чии делови потоа паднале во област во близина на границата со Украина.
Одговарајќи на обвинението, украинското Министерство за одбрана соопшти дека е „свесно за очајните и упорни напори на Кремљ да ја вовлече Белорусија во нејзината агресивна војна против Украина“, додавајќи дека „нема да ја исклучи“ руската „намерна провокација“.