Американската Агенција за национална безбедност (НСА) директно ги шпионирала претседателите на Бразил и Мексико Дилма Русеф и Енрике Пена Нието, објави американскиот новинар Глен Гринолд.
Поранешниот соработник на НСА Едвард Сноуден претходно своите објави за работењето на агенцијата за следење на информациите ги направи преку Гринолд, кој работи за британскиот весник „Гардијан“.
Американскиот новинар, вчера во обраќање на бразилска телевизија, изјави дека според документи од јуни 2012 година, добиени од Сноуден, американската разузнавачка агенција го шпионирала Пена Нието додека бил кандидат за претседател на Мексико. Во случајот со Дилма Русеф, постојат податоци дека НСА имала пристап до содржината на нејзините комуникации.