Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека Полска мора да го запре спорот со Европската Унија за реформите во судството и независноста на судиите, поради што сè уште не добива пари од Националниот план за обнова по пандемијата, бидејќи вистинскиот конфликт беснее на исток од Полска.
„Hannibal ante portas (Ханибал е пред вратата). Русија ја загрозува нашата слобода денес. Економска војна со Европа, хибридна и информативна војна, путинфлацијата, цените на енергијата, ова се големите предизвици на денешницата. Спорот со Европската комисија мора да заврши бидејќи вистинскиот конфликт сега се случува на исток од Полска“, напиша Моравјецки на Фејсбук.
Полскиот премиер рече дека средствата од фондовите на ЕУ го зајакнуваат суверенитетот на Полска.
„Полска има уште поголем суверенитет бидејќи е економски и воено посилна. Да го кажеме тоа отворено. Парите од ЕУ го зајакнуваат нашиот суверенитет дури и кога треба да направиме шаховски потег во одредени области“, нагласи Моравјецки.
ЕУ веќе 21 месец ја блокира Полска да користи околу 35 милијарди евра од новиот Европски фонд за обнова, кои Полска треба да ги добие врз основа на Националниот план за обнова доставен до ЕК, а соседите, на пример Чешка, веќе ги примиле тие пари.
Новиот полски министер за европски прашања, Шимон Шинковски вел Шенк, преговараше во Брисел во последните недели и постигна компромис во кој Полска се обврза да ги исполни главните европски барања и стандарди за независност на судството.
Така, до Сејмот на полскиот парламент беше поднесен предлог за измена на Законот за Врховниот суд, со кој надлежноста за дисциплински мерки против судиите се пренесува на Врховниот управен суд, а исто така самите судови можат да бараат проверка на непристрасноста и независност на поединечни судии што беше особено важно за ЕУ бидејќи сега судиите ги избира политизираниот Национален судски совет.
Сепак, предлогот беше повлечен оваа недела кога полскиот претседател Анджеј Дуда протестираше дека владата не го консултирала, а на дневен ред ќе се најде на 11 јануари.
Полската владејачка партија Право и правда мора да се потпре на опозицијата при усвојувањето на овој закон.
Помалиот коалициски партнер, партијата Солидарна Полска, а пред се нејзиниот лидер, министерот за правда и главен обвинител Збигњев Жобро, кој е главниот архитект на спорната реформа на судството, за која Полска беше цел на критики за задушување владеењето на правото со години, го отфрла компромисот инициран од премиерот Моравјецки.
Лидерот на Право и правда, Јарослав Качински, исто така предупреди дека иако Полска, најверојатно, конечно ќе добие пари од Европскиот фонд за обнова, измените на законот може да бидат деструктивни бидејќи ја отвораат вратата за оспорување на веќе назначените судии.
„Претседателот Анджеј Дуда ги имаше истите забелешки. Затоа тие промени бараат појаснување и дополнителни консултации“, го објасни Качински повлекувањето на предложените измени во интервјуто што ќе го објави провладиниот десничарски неделник „Газета полска“ на 21 декември.
Извор: МИА