Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани денеска во Овче Поле присуствуваа на започнувањето на градба на 110 kV далекувод ТС Велес-ТС Овче Поле. Со овој далекувод се зајакнува квалитетот на преносливоста, стабилноста и се намалуваат загубите на високонапонска електрична енергија што е од огромен јавен интерес во услови на глобална енергетска криза.
„Постојаното инвестирање и оптимизација на капацитетите и ресурсите за пренос на електрична енергија значат постигнување на еден од најважните јавни интереси во услови на енергетска криза, а тоа е доверлив и стабилен електроенергетски систем.
Токму денеска овде во близина на Мамутчево присуствуваме на започнување со изградба на една ваква важна инвестиција како што е овој 110 kV далновод од трансформаторската станица во Велес до трансформаторската станица Овче Полe во вредност од 2,3 милиони евра. Со овој далекувод обезбедуваме намалување на техничките загуби, сигурност во напојувањето и можност за приклучување на производните капацитети од обновливи извори на енергија, во кои забрзано се инвестира во изминатиот период“, вели Ковачевски.
„Оваа инвестиција е посебно значајна од повеќе аспекти и ќе посочам зошто е тоа така. Прво затоа што се гради нов далекувод на постоечката траса на далекувод кој е изграден уште во 1960 година. По цели шест децении вложуваме во сериозен зафат во македонската преносна мрежа. Реконструкцијата на застрените 110 kV далекуводи, особено оние кои имаат големо системско значење и им се нарушени работните параметри, како што е овој далекувод, е главниот фокус на Владата и МЕПСО.
Втората важна работа е тоа што проекти како овој придонесуваат за намалување на технички загуби, обезбедуваат доверливост на мрежата, сигурност во напојувањето, интеграција на обновливи извори на енергија и стабилност на целиот електроенергетски систем во државата“, додава премиерот.