Украина мора да ги предаде териториите анектирани од Русија пред какви било дипломатски преговори, соопшти денеска Кремљ, реагирајќи на предлогот на Володимир Зеленски за одржување „светски мировен самит“.
– Украинската страна мора да ја прифати фактичката состојба на теренот дека Руската Федерација има нови граѓани по референдумите одржани на тие територии, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Тој додаде дека е невозможен напредок додека Киев не ги прифати фактите.
На крајот на септември Русија прогласи анексија на четири украински региони, по анексијата на Крим во 2014 година, но не ги контролира во целост. Меѓународната заедница не ја признава одлуката на Русија за анексија на украинска територија.
Украина, од друга страна, бара Русија да ја повлече војската и да ги врати сите окупирани територии.
Песков посочи дека „не доаѓа предвид“ Русија да ги повлече своите сили од Украина пред Божиќ. Неговата изјава уследи откако Зеленски на вчерашната видео-конференцијата на Г7 го повтори својот мировен план од десет точки.
Изминатите месеци руските сили се повлекуваат пред украинската армија. Како одговор, Москва мобилизираше 300.000 резервисти за да ги зајакне своите позиции и ја уништува енергетската инфраструктура на земјата.
Извор: МИА