Косовската полиција денеска соопшти дека во попладневните часови имало пукотници и експлозии во Зубин Поток и на северот на Косовска Митровица, но дека нема повредени.
Полицијата наведува дека „демонстрантите ги демолирале просториите на општинската изборна комисија“, пренесува Коха диторе.
„Во раните попладневни часови во некои делови на Зубин Поток и Северна Митровица се регистрирани неколку инциденти (се сомневаат дека има пукотници и експлозии), но засега нема повредени“, се вели во соопштението на полицијата.
Од полицијата тврдат дека континуирано ја следат и проценуваат безбедносната состојба, како и ги преземаат неопходните мерки за спроведување на законот и одлуките на надлежните органи.
Сирените за тревога денеска се огласија во Зубин Поток, северно од Косовска Митровица и во Лепосавиќ. Косово онлајн објави дека во Зубин Поток се слушнале две експлозии, а од општинската зграда излегле членови на општинската изборна комисија и припадници на косовската полиција.
Како што наведува тој портал, припадници на полицијата придружувани од членови на општинската комисија насилно влегле во просториите на општината, ги искршиле вратите и ги смениле бравите, пред да ја напуштат зградата.
Според „Косово онлајн“, членови на ОИК во северниот дел на Косовска Митровица, придружувани од специјалната косовска полиција, упаднале во просториите што ги користеше ОИК за време на претходните избори, а во градот се слушнале и истрели од топови и сирени.
Сирени се слушнаа и во Лепосавиќ, а забележително е зголемено присуството на припадници на ЕУЛЕКС.