Антикорупциска контра Герасимовски: Не се консултирал со нас, не може судија да извршува три функции

Од:

Членот на Судскиот совет, Зоран Герасимовски, кој беше избран и за член на Управниот одбор при Академијата за судии и обвинители и нејзин в.д. директор не побарал мислење Државната комисија за спречување на корупција за судирот на интереси поради вршење на три функции, како што претходно изјави за „А1он“.

Антикорупциска испрати соопштение во кое тврди дека членот на Судскиот совет, Зоран Герасимовски, не побарал официјално мислење од Државната комисија, ниту се консултирал со претседателот или некој од членовите.

Судијата Зоран Герасимовски за „А1он“ изјави дека нема да се повлече од Судскиот совет затоа што немало судир на интереси по консултациите со Антикорупциска.

„Нема судир на интереси затоа што јас не членувам никаде. Јас сум само судија во Судскиот совет избран од редот на судии. Се консултирав со Држаната комисија за корупција и оттаму рекоа дека нема конфликт. Ако тие кажеа дека има судир, јас веднаш ќе се повлечев од функцијата. Јас сум само времено в.д. до изборот на нов директор кој треба да се случи во следните 15 дена“ – рече Герасимовски.

Државната комисија за спречување на корупција извести Герасимовски не може да ги извршува трите функции истовремено, односно не може да биде во исто време член на Судски совет, член на УО на Академијата и нејзин в.д. директор.

„Во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите – Глава петта – СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА ВО ВРШЕЊЕТО ЈАВНИ ОВЛАСТУВАЊА, во член 44 е утврдена – Забрана за вршење на други дејности.
Во ставот (1) од наведениот член е утврдено дека: „Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите.“

Во ставот (2) е пропишано дека: „Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга“.

А во ставот (4) е утврдена забрана дека: „Избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал“.

Дополнително на наведеното, во Законот за Судскиот совет на РСМ, во член 31 – Престанок на мандат на член на Советот, во став (1) е утврдено дека на член на Судскиот совет му престанува мандатот:
1) со истекот на времето за кое е избран;
2) по негово барање;
3) ако е разрешен од судиската функција согласно со закон;
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за вршење на функцијата член на Советот;
5) ако на член на Советот му се утврди трајна неспособност за вршење на функцијата и
6) ако е избран на друга јавна функција или професија.
Согласно став (6) од истиот член: „Во случај од ставот (1) точка 6) на овој член мандатот престанува со изборот на друга функција или професија“.

Во таа насока, член 59 од Законот за судскиот совет – Престанок на судиска функција поради избор или именување на друга јавна функција, пропишува дека:

(1) Советот со решение ќе утврди престанок на судиска функција на судија кога е избран или именуван на друга јавна функција, освен во случај кога со закон е предвидено мирување на судиска функција, со денот на изборот, односно именувањето.
(2) Органот кој го избрал, односно именувал судијата на друга јавна функција е должен на Советот веднаш да му го достави актот за именување, односно избор.

Согласно цитираните одредби од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Законот за Судскиот совет на РСМ, произлегува дека Зоран Герасимовски не може да ги извршува трите функции истовремено, односно не може да биде во исто време член на Судскиот совет, член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители и ВД Директор на Академијата, без оглед на тоа колку долго ќе ја извршува функцијата ВД Директор“, стои во известувањето од ДКСК.

Би можело да ве интересира

ДКСК поднесе иницијатива за дисциплинска постапка против член на Судскиот совет

Горан Наумовски

Димитровска: ДКСК постигна значителен успех во борба против корупцијата

Шериф е обвинет за убиство на судија во судот во Кентаки

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче 6 години криел 5 стана, неговите анкетни листови се доказ, ги праќаме во соопштение сами нека воочат

ДКСК побарала податоци за имотната состојба на генералниот секретар на Владата и за патувањето на синот на премиерот во САД

ДКСК: Дипломатскиот пасош е право, а не привилегија, службени возила не сме побарале