Ризикот од кратки прекини на струја во Финска оваа зима е зголемен поради неизвесноста со домашното производство и увоз, соопшти финскиот енергетски оператор „Фингрид“.
Според операторот, дел од ризиците се должат на фактот што стартувањето на новиот трет реактор на нуклеарната централа „Олкилуото“ е одложено, додека Шведска, од која Финска увезува струја, планира да го затвори најголемиот нуклеарен реактор „Оскаршамн-3“ во периодот од 9 до 18 декември, а реакторот „Рингалс-4“ нема да работи најмалку до 31 јануари.
– Достапноста на доволно електрична енергија во Финска изгледа понеизвесна отколку пред почетокот на зимата Потенцијалните дефекти во локалното производство или приклучните далноводи ќе предизвикаат прекини на електричната енергија, се наведува во соопштението на „Фингрид“.
Финските власти се обидуваат да заштедат електрична енергија со цел за да се избегнат прекини на струја. Според „Фингрид“ максималната потрошувачка може да достигне 14.400 мегавати во зима. Истовремено, во ноември потрошувачите ја намалиле потрошувачката на електрична енергија за девет отсто во однос на една година претходно.
Извор: МИА