Пилотот и патникот кои беа заробени во мал авион со часови откако се урна во далновод во округот Монтгомери се спасени. Двајцата претрпеа сериозни повреди и se пренесени во болница, рече Скот Голдстајн, началник на пожарникарите и на спасувачките служби на округот Монтгомери, Мериленд (САД). Падот на авионот на високонапонски далновод предизвика прекин на електричната енергија на повеќе од 120.000 корисници, се вели во соопштението на Пепко, комунално претпријатие од Вашингтон.
Откако добиле дојава за пад на мал авион во столб за струја, пожарникарите веднаш излегле на местото на настанот. Кога стигнале, виделе авион како виси на далновод на висина од околу 30 метри.
Во приватниот авион биле пилотот Патрик Меркл (65) и патникот Јан Вилијамс (66). Пожарникарите биле во контакт со нив за време на спасувањето. Но, за да ги спасат, морале да чекаат да се исклучи струјата.
„Авионот не е стабилен додека не се врзе цврсто. Секое движење, секое случајно движење, можеше да предизвика ситуацијата да е полоша. Маглата го комплицираше целиот процес“, изјави Голдстајн.
Федералната управа за авијација (ФАА) изјави за Си-Ен-Ен дека се работи за авион на Муни кој полетал од аеродромот во округот Вестчестер во Њујорк. Истрагата за инцидентот е во тек.