Полска ја прифати понудата на Германија да ја зајакне својата противвоздушната одбрана со систем „Патриот“ што полските власти планираат да го распоредат на границата со Украина, соопшти денеска полскиот министер за одбрана Маријуш Блашчак.
„Со задоволство ја прифатив понудата на германскиот министер за одбрана за распоредување на системот ’Патриот’ во нашата земја. Ќе предложам системот да биде распореден на границата со Украина“, објави преку Твитер полскиот министер за одбрана.
Покрај системите „Патриот“, Германија ѝ ги понуди на Полска и нејзините борбени авиони, како поддршка во контролата врз воздушниот простор.
Полска го избра американскиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ уште во 2015 година како основа на својот систем за противракетна одбрана, а договорот за купување на првите две батерии во вредност од 4,75 милијарди долари беше потпишан во април 2018 година. Подоцна беше потпишан договор за уште шест батерии што треба да бидат испорачани до крајот на следната година.
Понудата на Германија дојде по минатонеделниот пад на ракета врз селото Пшеводов во близина на границата со Украина, кога загинаа две лица.
Полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Матеуш Моравјецки по повод трагедијата предупредија дека Полска, како земја на НАТО блиску до фронтот, мора да биде свесна за ризикот од такви несреќни случаи, како што го окарактеризираа инцидентот. Генералштабот на полската армија констатираше дека ниту една противвоздушна одбрана не покрива стопроценти од територијата на една земја за да може да спречи таков инцидент.
Самите Полјаци, како и нивните официјални претставници и НАТО, покажуваат разбирање за Украина, имајќи предвид дека тој ден руските сили извршија масовно бомбардирање на цели во Украина, вклучително и на западот на таа земја во близина на границата со Полска.
Според најновото истражување за „Џенџик газета правда“, 70 отсто од анкетираните Полјаци сметаат дека таа трагедија нема да влијае на односите меѓу Полска и Украина.
Извор: МИА