Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд, нема намера да се повлече од функцијата во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Потврдува дека нејзината снаа за син е слушател на Академијата, со која таа ќе управува, но не го гледа како конфликт на интереси. Адеми предвидува нејзиниот мандат да заврши додека да дојде ред, снаата да полага испити, а доколку тоа биде порано, ќе го замрзне членството во Управниот одбор. Откажувањето од функцијата во овој момент, не е во нејзините опции.
„Во секој случај, постојат законски механизми кои неслучајно се предвидени за да превенираат евентуални можности за влијание и конфликт на интереси. Поаѓајќи од индивидуалниот карактер на конфликтот на интереси, постои можноста за „изземање“ како законски и правен институт. Тоа е и една од причините зошто секој член на Управниот одбор има свој заменик како што говори и претходната практика во Академијата, доколку за некое прашање членот биде доведен во таква ситуација, тој ќе се повлече и неговиот заменик ќе расправа и ќе одлучува“, вели Адеми за „А1он“.
Претседателката на Врховен суд, Адеми, остана на ставот да остане во Управниот одбор и по чекорот на Ислам Абази, шеф на ОЈО-ГОКК, да се повлече од членството поради тоа што неговата сопруга е слушател. За Адеми, важно е дека нејзиното постапување во Управниот одбор ќе биде пред судот на јавноста.
„Потребно е да се нагласи дека Управниот одбор на Академијата, нема непосреден удел додека трае едукацијата на кандидатите и она што е од особена важност е што сите седници на Управниот одбор се јавни. Јавноста преку медиумите може непосредно да има увид и да добива информации за прашањата за кои се расправа и се одлучува, дури и за текот на гласањето со оглед на фактот дека и самото гласање е јавно. Начелото на јавност на работата на Управниот одбор е гаранција во насока да не постои конфликт на интереси“, додава Адеми за „А1он“.
Според Законот за Академија на судии и јавни обвинители, Управниот одбор носи одлуки за кандидати, меѓу кои се роднините на обвинителот и судијката. Тоа би значело дека може да постои конфликт на интереси, но и можност за влијание. Законот кој ја регулира работата на Академијата предвидува дека Управниот одбор носи одлуки по приговори поднесени од кандидати, а учествуваат и во постапката за полагање бидејќи членовите на овој одбор на крајот од процесот го усвојуваат извештајот. Во надлежноста на членовите е назначување и разрешување на директор, да одлучуваат за тоа кои ќе бидат предавачи, да формираат и распуштаат комисии, усвојуваат извештаи, донесуваат акти.