Бајден и Си против употреба на нуклеарно оружје

Од:

Претседателот на САД, Џо Бајден на денешната средба со кинескиот колега Си Џинпинг се спротивстави на „присилните и се поагресивни акции“ на Пекинг кон Тајван и изрази загриженост за човековите права поради однесувањето на кинеските власти во Синџијанг, Тибет и Хонг Конг, соопшти Белата куќа.

Бајден истакна дека САД „ќе продолжи енергично да се натпреварува“ со Кина, но оти „конкуренцијата не би требало да премине во судир“.

Во соопштението се наведува дека Бајден и Си се согласиле дека „никогаш не треба да се води нуклеарна војна“ и дека во неа не може да има победници, „и го истакнаа своето противење на употребата или заканата од употреба на нуклеарно оружје во Украина“.

Како лидери на две нации, ја споделуваме одговорноста да покажеме дека Кина и САД можат да ги надминат разликите, да ја спречат конкуренцијата да дојде блиску до конфликт и да изнајдеме начини да работиме заедно за итни глобални прашања, посочи Бајден на почетокот на средбата на Бали, каде тој и Си учествуваат на Самитот на Г20.

Како што објави кинеската новинска агенција Синхуа, Си на средбата истакна дека тајванското прашање е клучен интерес на Кина, темел на политичката основа на односите помеѓу Кина и САД и прва црвена линија, што не смее да се премине во односите меѓу двете земји.

Кинескиот претседател посочи дека тој и Бајден, како лидери на две големи земји, мора да го постават вистинскиот курс за билатералните односи.

На почетокот на состанокот, тој го повика Бајден да го „зацрта вистинскиот курс“ и да ги „подигне односите“ меѓу Кина и САД. Тој додаде дека Пекинг и Вашингтон треба да соработуваат со сите земји за да донесат повеќе надеж за светски мир, поголема доверба во глобалната стабилност и посилен поттик за заеднички развој.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Најмалку 64 жртви на ураганот Хелена во југоисточниот дел на САД

Иран: Нема да се двоумиме, САД мора да ги прифати последиците

После 10 години, армијата на САД се повлекува од Ирак

Најмалку 52 лица загинаа во ураганот Хелена, речиси пет милиони луѓе останаа без струја

САД ќе ја поддржи Македонија во обидот да се пробие блокадата на патот кон ЕУ, порача Касаноф на Сиљановска

Пристигна одговорот од Америка на најновата нуклеарна закана на Путин