Европската комисија е подготвена да ги оцени предлозите за кофинансирање на проектирањето и изградбата на третиот мост на реката Дунав кај Русе и Ѓургево и втората фаза од проектот за подобрување на пловидбата по Дунав, соопшти бугарското Министерство за транспорт.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на оваа тема станало збор за време на видео-конференција меѓу еврокомесарката за транспорт Адина Валеан и вршителот на должноста вицепремиер и министер за транспорт и врски на Бугарија Христо Алексиев.
Бугарија и Романија неодамна се согласија да изградат трет мост на Дунав меѓу Русе и Ѓургево. Еврокомесарката Валеан го повика бугарскиот министер за транспорт Софија да ја забрза подготовката на проектите поврзани со мостот. Целта е тие да можат да се поднесат до средината на јануари 2023 година на тековниот повик за предлози во рамките на Механизмот за поврзување на Европа.
Бугарскиот вицепремиер изјави дека неговото министерство и испратило на романската страна нацрт-договор за третиот мост, за кој се чека мислењето на Романија.
Во разговорот меѓу двајцата беше коментирана потребата од зголемување на капацитетот на инфраструктурата во транспортниот правец север-југ. Еврокомесарката му посочи на Алексиев за придобивките од двата нови коридора – Црно Море-Балтик-Егејско Море и Западен Балкан.
Алексиев најави дека и Романија е поканета да се приклучи на проектот за железничкиот коридор Солун – Кавала – Бургас – Варна – Русе.
Двајцата разговарале и за транспортните коридори за солидарност со Украина, како и за улогата на Бугарија во транспортот на стоки. Исто така станало збор и за прашањето за вклучување на Коридорот 8 во делот на Западен Балкан. Алексиев ја претстави важната улога на Коридорот 8 за постигнување стратешка автономија во регионот на Западен Балкан и создавање транспортна алтернатива од исток кон запад.
Извор: МИА