Со измените во законот за земјоделско земјиште нема да се навлезе во приватната сопственост на граѓаните, но државата сепак ќе може да го дава под закуп земјиштето кое не е обработено со години. Во спротивно, граѓаните ќе плаќаат трипати повисоки даноци за земјиштето што не го обработуваат, а истото земјиште ќе влезе во новиот Регистар кое го подготвува министерството.
Ова за „А1он“ го потврди министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
– Се работи за најголемата реформа во земјоделието која мора да се случи во државата и мора да се менуваат работите во функција на производство на храна според Планот за производство на храна кој беше донесен уште пред војната во Украина. Како дел од реформата се и измените на предлог-законот за земјоделско земјиште. Размислуваме како да ги искористиме сите свои ресурси и ние можеме да прозиведеме доволно храна.
Земјоделското земјиште е добро од општ интерес според закон. И во постојниот закон постојат одредби за евидентирање на напуштено земјиште. Во 2017 година ние воочивме дека нема евиденција на земјиштето затоа што е регулирано тоа да се евидентира доброволно.
И досега од 2013 година до денес нема ниту едно барање некоја сопственост да биде запишана како напуштено земјоделско земјиште. Тоа земјиште треба да има поголеми даноци според постоечкиот закон, но тоа не функционира без регистар. Наша цел беше да воспоставиме регистар за ова земјиште поврзан со платежна агенција и со министерството за финансии – рече Николовски.
Во државата има вкупно 587.618 хектари земјоделско земјиште без пасишта, од кои 240.000 хектари се државно земјиште, а другите 350.000 хектари се приватно. Од 240.000 хектари 134.000 се обработувааат, а 83.000 се необработено државно земјиште. Од приватните 250.000 се обработуваат, а 90.000 хектари не се обработуваат.
– Даноците и сега се поголеми за тоа земјиште, но општините го уредуваат тоа прашање. Она земјиште кое не било евидентирано, сега сакаме по службена должност да го евидентираме и тоа не може да значи одземање. Мора да се гарантира приватната сопственост, а од друга страна да ги искроистиме површините за храна. Доколку не се обработува, тогаш се категоризира како напуштено, не се одзема соопственоста, но се создава можност преку измени на законот државата да го даде под концесија. 80% од закупнината која се остварува, законот вели дека веднаш ќе се префрли на сопствениците на земјиштето, а 20% се предвидени за административни трошоци во буџетот на државата – истакна министерот.
Николовски додаде дека доколку станува збор за земјоделско земјиште каде што не може да се утврди сопственост во овој момент, средствата ќе стојат на сметка 10 години додека не се докаже сопственоста. Ако не се докаже сопственоста за 10 години, средствата остануваат за државата.
На прашањето на „А1он“ што ако некој сопственик кој има нива што не ја обработува, ќе посака да ја продаде, а во меѓувреме државата му ја издала под закуп на 15 години, министерот немаше конкретен одговор.
– Ова прашање мора да се разгледа во дебата и да се дискутира со правните експерти. Државата не треба да навлезе во правото на приватната сопственост – рече тој.