Поранешниот македонски репрезентативец и еден од најдобрите фудбалери во домашниот шампионат, Филип Деспотовски е нов фудбалер на ФК Вардар.
Филип Деспотовски (30 години) вчера официјално е регистриран како нов играч на македонскиот шампион, по усогласувањето на ставовите за меѓусебен договор, по што добива право за настап во црвено-црниот дрес веќе за натпреварот против Брегалница во среда на „Филип Втори“.
Деспотовски доаѓа од редовите на Тетекс, каде настапуваше изминатава сезона, повторно враќајќи се во својот Вардар, за кој настапуваше во сезоната 2007/2008. Во својата богата кариера претходно има настапи и за Цементарница 55 и Работнички на домашната сцена, како и за српските прволигаши ОФК Београд, Бежанија, грчкиот прволигаш Етникос Пиреја, украинската Ворскла и Интер Баку во Азербејџан.
Управата на Вардар е во преговори за ангажман на уште еден фудбалер од домашното првенство, младиот напаѓач на Еуромилк ГЛ, Антонио Бујчевски, за кого се очекува комплетирање на неопходната документација пред да следи официјален ангажман.