Граѓаните кои имаат нелегализирано земјиште под нивните легализирани куќи да можат да го откупат по едно евро за метар квадратен без притоа да е донесен ДУП-от за местото во кое живеат. Тоа, оцени денеска премиерот Никола Груевски, е една од најзначајните одредби од предложените измени на Законот за градба.
– Досега тие можеа да го купат земјиштето само ако има донесено детален урбанистички план. Сега со измените се овозможува иако таков план не е донесен, а граѓаните имаат легализирана куќа, да можат земјиштето под куќата да го легализираат односно откупат по цена од евро за метар квадратен, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на современа лабораторија за хемиски и физички испитувања на културното наследство.
Тој истакна дека измените се донесени поради тоа што во многу места во Македонија, особено, како што рече, во руралните средини нема донесено урбанистички планови.
– Тие се скапи за носење, претставуваат товар за општината. Веројатно ќе бидат донесени во некоја фаза, но не секогаш тоа може да се направи во време кога луѓето имаат можност да го легализираат земјиштето, истакна Груевски.
Додаде дека со измените за првпат се воведува електронско издавање на градежна дозвола не само за нова градба, туку и за доградба и за реновирање на постојна градба.