Првиот обид за избор на претседател на Националното собрание на Бугарија беше неуспешен. Ниту еден од четворицата кандидати не успеа да собере поддршка од потребните најмалку 121 пратеник, јави дописникот на МИА од Софија.
Најблиску до овој резултат се најде кандидатот на ГЕРБ Росен Желјазков. За него гласаа 103 пратеници од Герб и Движењето за права и слободи. На второто место се најде Никола Минчев, кој беше прв човек на претходното Народно собрание на Бугарија. Тој ги доби гласовите на пратениците од „Продолжуваме со промените“ и „Демократска Бугарија“.
Двете кандидатури ќе се прегласуваат по предлог на Десислава Атанасова од ГЕРБ. Од трката отпаднаа кандидатите на БСП Кристијан Вигенин и Петар Петров од „Преродба“. За прв пат во поновата парламентарна историја на Бугарија четворица кандидати се предложени за претседател на Народното собрание.
Извор: МИА