Шпанскиот новинар Хозе Алварез Хаја тврди дека претседателот на Барселона, Џоан Лапорта полудел по ремито 3:3 на Барселона против Интер во четвртото коло од Лигата на шампионите. Барселона по четири кола заостанува три бода зад второпласираниот Интер и веројатно нема да успе да се пласира во нокаут-рундата во Лигата на шампионите, туку ќе продолжи да се натпреварува во Лига Европа.
„Матеу Алемани и Жорди Кројф се обидоа да го смират Лапорта. Беше целосно надвор од контрола. Сакаше да уништи се бидејќи виде дека проектот е загрозен. Лапорта беше многу возбуден поради Лигата на шампионите. Во јануари тој веќе ќе направи некои промени. Ситуацијата по Интер беше комплицирана“, изјави Алварез на „Ел Чирингито“.
„Лапорта е уморен од некои играчи. Тој е лут токму поради нив. Уморен е од одредени имиња, за кои зборуваше последните недели. Позицијата на спортскиот директор Алемани не е загрозена”, додаде тој.
Барселона минатото лето потроши 333 милиони евра. Рафиња од Лидс пристигна во клубот за 58 милиони евра, Жил Кунде за 50 милиони евра, Роберт Левандовски за 45 милиони евра, а како слободни играчи во клубот дојдоа Франк Кеси од Милан, Андреас Кристенсен од Челзи, Хектор Белерин од Арсенал и Маркос Алонсо од Челзи.
Во недела од 16:15 часот Барселона гостува кај Реал Мадрид во Ел Класико.
Извор: Тоспорт