Утревечер, со почеток во 21 часот, во МКЦ ќе се одржи 12-то издание на ПМГ Рекордингс фестивал со наслов „Градот ме тера да пеам“. Со квалитетна музучка понуда и на два музички подиуми, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар.
На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Музичките критичари ги дефинираат како „перверзно среќен трип – хоп“, а нивниот сценски настап го споредуваат со оној на светски познатите бендови како The Knife и Goldfrapp. Нивната песна „Фрка“ е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика веќе има изградено одлична комуникација со бендот.
„Луфтанза“ е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Пред само неколку денови го издадоа новиот албум „Давор“ за ПМГ Рекордингс, а утревечер на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт, на кој и ќе го промовираат албумот. Луфтанза се бенд со експериментален и агресивен дух, кој спојувајќи ја својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалоста и конформизмот на фабричката еднолична музика. Млади, амбициозни и културно освестени, тие се предодредени да запишат релевантна историја во современата македонска музика. Вистински ѕвезди во перспектива.
„Хајка“ е бендот на годината. Настапија на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозна свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видео спот.
„Бендот го оформивме со цел да ја размрдаме малку сцената и да го прекршиме статус-квото на статичните бендови. Пред неколку години, кога почнувавме, бевме незадоволни од домашната музичка сцена. Младите имаат доволно енергија во себе која треба да се канализира правилно и умно. Филозофијата позади песните ни е да бидеме брзи, гласни и бесни и да кажеме сѐ што ќе ни дојде на ум без филтер. Главната филозофија е да го правиме она што ни звучи или изгледа убаво и интересно без да следиме некои правила“, велат од бендот.
Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и младите битолчани „Cut Your Nipple“ и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6“.
Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage“, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.
ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении.
Фестивалските врати се отвораат во 20.30 часот, а програмата ќе се одвива на два подиума до 3 часот по полноќ.