Американскиот универзитет на Европа – ФОН денеска го одржа првиот академски час за новата генерација на студенти во академската 2022/2023 година. Големиот интерес за студирање на првиот приватен универзитет во државата, кој нуди модерно и квалитетно образование продолжи и оваа академска година кога се запишаа 20-та генерација по ред на студенти. Свечениот настан се одржа во просториите на Уиверзитетот пред стотици бруцоши и нивните најблиски, а присуствуваа и менаџментот на АУЕ- ФОН, деканите на факултетите, професорите, како и администрацијата.
Ректорката на АУЕ- ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска, во своето обраќање пред бројните присутни гости упати искрени честитки на бруцошите за стекнувањето на статусот – студент на најдобриот приватен универзитет во Македонија. Таа истакна дека знаењето и искуството кое што ќе го стекнат студентите за време на своите студии, ќе помогне заеднички да се подобри заедницата во која живееме.
„Нашата цел како академски кадар е да стекнете повеќе од добро образование: да го зајакнете вашето критичко мислење, да стекнете глобална перспектива и да се вклучите во општестствените текови. Посветеноста на знаење, иновации и технологијата е од суштинско значење за иднината и ние нема да ја изгубиме нашата решителност“, изјави ректорката Пулеска Јанушевска, која додаде дека во 20 години од постоењето, АУЕ – ФОН универзитетот со едуцирањето на кадри придонел за развојот на Македонија. Според неа, со истражувачи и предавачи од светска класа, најсилните студенти во Македонија и бројните предмети и студиски програми, универзитетот има потенцијал да придонесе за решавање на различни сложени предизвици за општеството.
Заменик директорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Александра Србиновска Дончевски изрази задоволство од враќањето на можноста на вообичаената форма на студирање со физичко присуство, директната комуникација и заедничкото делување, како клучни фактoри за постигнување на нови успеси. Таа нагласи дека преку делот на формалното образование со напорната работа и трудољубивоста на студентите, академскиот кадар и менаџментот, АУЕ – ФОН денес е лидер во високото образование.
„Покрај формалното образование во рамките на универзитетот, АУЕ – ФОН дополнително овозможува и неформално образование оранизирано во форма на кратки курсеви и програми од областа на ИТ вештини, јазични курсеви, курсеви по ликовна уметност, фотографија, сметководство или сајбер академија. Оваа неформална професионална доедукација, на студентите им овозможува нови можности, иницијативи и предизвици“, изјави заменик – директорката Србиновска Дончевски, додавајќи при тоа дека на студентите им стојат на располагање Клубот на млади таленти, а АУЕ – ФОН дополнително им ги отвара вратите на младите кон уште една исклучителна практична програма „Студирај и работи” за нивно професионално доусовршување.
„Практичната програма помага студентот да развие вештини и способности кои ги поддржуваат професионалните студии и воедно го подготвуваат студентот за работа. Практичното знаење е нешто што не можеме да го научиме со читање книги, тоа се стекнува со решавање на вистински проблеми и практики, се идентификува со искуство, вредности, креативно размислување, интуиција, вештини, идеали и ставови“, посочи Србиновска.
Пред новите студенти се обрати и претседател на Универзитетското студентско собрание на АУЕ-ФОН, Мила Петрушевска која што истакна дека универзитетот секогаш работи на задоволување на студентските права и да овозможи модерно образование коешто го заслужува секој млад човек. Таа додаде дека универзитетот на студентите им нуди пријатен амбиент со одлични услови за студирање, стекнување на нови пријателства и дружби, како и можност сериозно да се напредува во градењето на кариерите. Петрушевска напомена и дека професорите од АУЕ – ФОН секогаш се вложуваат максимално за своите студенти, пријателски се настроени и несебично го пренесуваат своето знаење.
На првиот академски час се обрати и ректорот на Високата школа за осигурување и финансии од Софија, проф. д-р Борис Велчев кој ги презентираше двојните програми за студентите од областа на бизнис и економија за I и II циклус на студии.
„Високата школа за осигурување и финансии е во топ 4-те универзитети, во системот за рангирање на високообразовните институции во Бугарија во областа „Економија“ за 2021 година. Истовремено, ние сме во топ 3-те најдобри бугарски универзитети на кои се изучуваат студиски програми за специјалности од областа на економските науки, според магазинот Форбс. ВУЗФ го нуди најдоброто образование, според меѓународните и домашните стандарди, во комбинација со исклучително високо ниво на настава и докажани професори со успешна академска и деловна кариера. Стекнатата двојна диплома од нашиот универзитет, на студентите од Македонија им дава можност професионално да се рангираат на меѓународно ниво“, истакна пред присутните бруцоши и гости ректорот на ВУЗФ универзитетот од Софија, проф. д-р Велчев.
ПР Текст