Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека Белорусија била и ќе биде со Русија и дека нивната унија е посилна од НАТО.
„Не обвинувајте не за учество во агресија или нешто друго. Ние бевме, сме и ќе бидеме со нашата Русија. Нашата унија со Русија е посилна од онаа во НАТО блокот. Што друго очекувате од нас? велиме дека нема да се бориме во Украина. Да соработуваме мирно“, им порача белорускиот лидер на амбасадорите на странските земји на церемонијата на предавање на акредитивните писма, пренесува руската прорежимска новинска агенција ТАСС.
„Белорусија не е вклучена во конфликтот во Украина“
Според Лукашенко, Украина не може за ништо да ја обвини Белорусија.
„Ние не го започнавме конфликтот со Украина. Тие беа оние кои го затворија нивниот воздушен простор за нашите авиони и објавија економска блокада на Белорусија пред тоа да го направат западните земји и САД“, рече Лукашенко.
Претседателот на Белорусија додаде дека неговата земја секогаш ги исполнувала своите обврски кон Русија, но дека не била вклучена во вооружениот конфликт во Украина, пишува ТАСС.