Косовскиот премиер Албин Курти истакна дека постојат четири причини за можни конфликти меѓу Србија и Косово, а како што наведе, една од нив е тоа што Србија не ја признава независноста на Косово, пренесува Репортерс.
Курти за швајцарски „Die Republik“ нагласи дека Косово не се плаши од „дејствата на Србија“, туку е на стража.
Друга причина за евентуалниот конфликт, според Курти, е тоа што Србија го блокира приемот на Косово во меѓународните организации и финансира „паралелни структури“ на северот на Косово.
– Србија се уште не ја признава независноста на Косово. Се бори против нашето меѓународно признавање и во исто време финансира нелегални структури внатре во Косово кои го поткопуваат владеењето на правото и нашиот суверенитет. Второ, во Србија не ги признаваат воените злосторства извршени во 1990 година – нагласи Курти.
Косовскиот премиер изјави дека Србија одржува блиски односи со Русија, што, како што рече, го поткопува мирот во регионот.
– Косово е демократија, Србија не, тоа е третата работа што ме загрижува. Секој што се граничи со автократија е во опасност. Четврто, официјален Белград одржува блиски врски со деспотскиот руски претседател Путин. Вучиќ се сретна со Путин речиси 20 пати во 10 години, а последната средба на 25 ноември 2021 година во Сочи, три месеци пред почетокот на војната – рече Курти.