Српското собрание го прифати извештајот за Косово, Вучиќ порача дека претстои голема криза

Од:

Народното собрание го прифати извештајот за преговарачкиот процес што претседателот на Србија, Александар Вучиќ го презентираше во вторникот на посебна седница.

„Извештајот за преговарачкиот процес со привремените институции на самоуправата во Приштина“ е напишан на 50 страници, а „за“ гласаа 148 пратеници, додека 57 беа против, јави дописникот на МИА од Белград.

Во извештајот се наведени „активностите во рамките на подготовката и спроведувањето со преговорите“, од Заедницата на српските општини (ЗСО), полицијата, судството, енергетиката до дијалогот на стопанските комори, транспортот на опасни материи и исчезнати лица, што е последното поглавје.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во завршниот говор на вонредната седница на Собранието изјави дека следните шест месеци, до 31 март, ќе бидат најтешките за Европа по Втората светска војна и дека и Србија ја очекуваат тешки недели.

Тој рече дека работите „драматично се комплицираат“, дека европската економија ќе падне, „па можете да замислите како ќе биде во Србија“.

-Ни претстојат тешки денови. Секој си гледа само во својот дел. Се молев да не ни треба врева околу парадата (Европрајд), но најлесно е да се обвинува државата. Државата е таа што треба да излезе во пресрет на сите, рече тој

Вучиќ повтори дека Србија на ниту еден начин нема да го признае Косово.

-Планот на Европа беше Србија да се согласи Косово да влезе во Обединетите нации. Народот мора да разбере дека се наоѓаме меѓу чеканот и наковалната, рече Вучиќ.

Тој истакнува дека ситуацијата му била многу јасна уште од првиот ден од руската инвазија на Украина, а сето тоа се темели на тоа што рускиот лидер Владимир Путин им го кажал на западните лидери – „дека ја отвориле Пандорината кутија со создавањето на Косово“.

-Не заборавајте дека за месец и половина повеќе нема да можеме да увезуваме руска нафта. Разменив пораки со претседателот на Венецуела Мадуро, гледам како да најдеме повеќе нафта и таму и на други места, верувам дека наскоро ќе го угостам. Сакам луѓето да знаат дека ситуацијата е многу тешка, кажа Вучиќ.

Тој оцени дека нема лесни решенија за решавање на проблемите околу Косово, но дека Србија мора да се бори со „паметна и сериозна политика“.

Пратениците на опозициската ДС, Народната партија и коалицијата „Мораме“, организираа вонредна конференција во собраниската сала, на која изјавија дека, како што рекоа, „се врши правно насилство за време на собраниската седница, на која Вучиќ побарал некои од нив да не смеат да зборуваат, дека не се почитува Деловникот и дека дел од нив чекале со часови да зборуваат“.

Би можело да ве интересира

Кинескиот претседател Џипинг денеска во Србија

300 милиони луѓе го гледаа интервјуто на Вучиќ за кинеската телевизија

Горан Наумовски

Вучиќ положи цвеќе во „Рибникар“: „Оваа трагедија остави неизбришлива лузна на душата на цела земја“

А1он

Изгласана е новата Влада на Србија на чело со премиерот Милош Вучевиќ

(ВИДЕО) Уапсени 13 лица – мрежа на измамници преку кол центри од Србија украле милион евра од Германци

Анита Петровска Рајковиќ

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он