Русија не ги отфрла преговорите со Украина, но колку подолго Киев ги одложува, толку потешко ќе биде да се постигне договор со Москва, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Во интервју за телевизијата „Русија-1“, Лавров објасни дека рускиот претседател Владимир Путин тој став го пренел на средбата со шефовите на парламентарните групи во Државната дума.
„Претседателот им рече на учесниците на состанокот дека не ги отфрламе преговорите, но дека оние што ги отфрлаат треба да разберат дека колку подолго се одложува процесот, толку потешко ќе преговараат со нас“, рече Лавров, пренесе ТАСС.
Лавров потсети дека властите во Киев најавуваат дека преговорите можат да се случат само по победата на Украина и дека ќе бидат подготвени да разговараат кога Русија ќе ги напушти украинските земји, пренесе Спутник.
Шефот на руската дипломатија коментира дека тие (Украина) се активно поддржани во ова, дури се фаворизирани во Лондон, Вашингтон, Брисел.
„Каде оди светот? Мислам дека кон поправеден светски систем. Ќе биде мултиполарен. Западот се обидува да ја задржи и зајакне својата доминација. НАТО ги објави своите цели ширум светот, а индо-пацифичкиот регион беше официјално означен како сфера на влијание на Алијансата – тоа не им се допаѓа на сите“, рече Лавров.