НАТО денеска ги потврди изјавите на Албанија и другите сојузници во кои одговорноста за кибер нападот и се припишува на владата на Иран, се вели во соопштението на Северноатлантскиот совет, главното тело за носење политички одлуки во рамки на НАТО.
Во соопштението се изразува солидарност со Албанија по неодамнешниот кибер напад врз нејзината национална информациска инфраструктура и најостро се осудуваат „злонамерните кибер активности дизајнирани да ја дестабилизираат и да наштетат на безбедноста на сојузниците и да го нарушат секојдневниот живот на граѓаните“, пренесува Радио Слободна Европа.
„Малигните актери се обидуваат да ја деградираат нашата инфраструктура, да ги нарушат нашите владини служби, да извлечат разузнавачки информации, да украдат интелектуална сопственост и да ги нарушат нашите воени активности. Сојузниците се посветени на заштита на својата инфраструктура, градење на отпорност и зајакнување на својата кибер одбрана“, се вели во документот.
Реакцијата на клучното тело на НАТО доаѓа еден ден откако Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, за кој властите во Тирана веруваат дека ова лето изврши масовен кибер напад врз Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама вчера го обвини Иран дека режирал сајбер напад врз албанските институции на 15 јули 2022 година, во обид да ги „парализира јавните услуги и да ги хакира податоците и електронските комуникации од владините системи“.
Албанската антитерористичка полиција денеска изврши претрес во празната иранска амбасада во Тирана, неколку часа откако ирански дипломати запалија документи во просториите по прекинувањето на дипломатските односи поради кибер нападот.
Техеран силно ја осуди одлуката на Тирана да ги прекине дипломатските односи, нарекувајќи ги причините на Албанија за овој потег „неосновани тврдења“.
Во исто време, Вашингтон, најблискиот сојузник на Албанија, го обвини Иран за нападот и вети дека „ќе преземе дополнителни мерки за Иран да сноси одговорност за дејствијата што ја загрозуваат безбедноста на американскиот сојузник“.
Извор: МИА