На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска ја пречека претседателката на Словачката Република Зузана Чапутова, која престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски и претседателката Чапутова одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.
Во фокусот на разговорите се билатералните односи, словачките искуства од процесот во пристапување во ЕУ, сојузништвото во НАТО и безбедносните предизвици во регионот и Европа.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за искрената словачка поддршка за македонските евроинтеграции и посочи дека нашиот пристапен процес започнува во критичен момент за европската безбедносна архитектура.
Тој изрази очекување од земјите-членки на Унијата за подинамичен пристап и проактивност кон проширувањето на Европската Унија.