Деловната активност во Еврозоната во август втор месец последователно бележи намалување, а граѓаните под притисок на високата инфлација ги намалија трошоците за основните потреби, откажувајќи се од патувања и рекреација, покажува најновото истражување на „S&P Global“.
Индексот на менаџерите за набавка (PMI) минатиот месец паднал за еден поен во однос на јули, на 48,9 поени што е најниско ниво последните 18 месеци, се посочува во денеска објавените резултати од анализата. Вредностите пониски од 50 поени укажуваат на пад на активноста.
„Падот на активноста се продлабочи во август, а компаниите и граѓаните ги намалуваат трошоците со оглед остриот пораст на инфлацијата и сè поизразената неизвесност на економските прогнози“, вели Крис Вилијамсон, главниот бизнис-економист на „S&P Global“.
Тој предупредува дека влошувањето се проширува оттаму што сега услугите засновани врз близок контакт со потрошувачите како што се патувањата, туризмот и рекреацијата, а го предводеа растот во првиот дел од годината, исто така бележат пониско ниво на активност.
Поради се повисоките трошоци за живот, домаќинствата се принудени да ги намалат трошоците за сите производи и услуги што не им се неопходни, објаснува Вилијамсон. Во такви услови, побарувачката и за стоки и за услуги се намалила, а странската побарувачка забележала пад шести месец последователно, повеќе од нарачките гледано во целина.
Од земјите на еврозоната опфатени со истражувањето, Германија бележи наголем пад на активноста, во што ја следат Италија и Франција.
Што се однесува на престојниот период, Влијамсон проценува дека активноста овој месец би можела да продолжи да опаѓа уште посилно.
„Активноста во септември би можела уште посилно да се намали, доколку се суди според забрзаното опаѓање во новите нарачки. Компаниите веќе го намалуваат бројот работници поради послабиот промет од очекуваното, во услови на забрзан раст на трошоците и неизвесен раст во иднина“, заклучува тој.
Извор: МИА