Предметот против Финансиската полиција и разрешениот директор Арафат Муареми ќе го води обвинителката Лиле Стефанова, дознава „А1он“. Таа го водеше случајот „Империја“, каде се спогоди со бизнисмени, кои пак, добија ниски затворски казни. Предметот и е предаден на Стефанова, која е дел од полициското одделение на Обвинителството за гонење организиран криминал. Според извештајот од Републичкото обвинителство, токму ова одделение е надлежно за постапување.
Вториот предмет со чија предистрага се испитува зошто Министерството за внатрешни работи и министерот Оливер Спасовски со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија, го доби обвинителката Катерина Коларевиќ, исто така дознава „А1он“. Таа веќе постапува по предметот кој се води против ексгенералниот секретар на Влада, Мухамед Зеќири.
„А1он“ побара одговори и од привремениот раководител на Обвинителството, Трајче Пеливанов, за тоа кој ќе ги добие предметите – но тој не сакаше да одговори и најави соопштение. Тоа што е сигурно, е дека одлуката била донесена во текот на вчерашниот ден.
Овие два предмети ги водеше суспендираната обвинителка Вилма Русковска. Таа пред две недели, кога поднесуваше жалба до Советот на јавни обвинители, потенцираше дека ќе се сомнева во постапувањето по овие предмети, без разлика кој обвинител ќе ги наследи, со оглед дека таа е суспендирана поради воедењето на едниот од нив.
За обвинителката Лиле Стефанова која сега во раце го има предметот против Арафат Муареми, суспендираната шефица рече: Она е избрана од Советот на јавни обвинители во ОЈО-ГОКК. Доколку членовите на советот и дале доверба, нема зошто јас да немам доверба во неа. Во годишниот распоред ја ставив раководител во Одделението за гонење на лица со полициски овластувања, која е важна функција“.