Легендарните сестри Серена и Венус Вилијамс доживеаја пораз во конкуренција на двојки, на Ју-ес опен. Американките и покрај големата поддршка од трибините не успеаја да ја прескокнат првата пречка и по два часа и осум минути игра мораа да го прифатат поразот од чешката двојка, Луција Храдецка и Линда Носкова – 7:6 (5) и 6:4.
Четириесет и две годишната Венус и една година помладата Серена добија специјална покана од организаторите, но не успеаја да го минат првото коло на последниот Грен слем во сезоната.
Неповторливите сестри имаа двојно повеќе ас-сервиси од нивните ривалки (8-4), но искористија само една од петте топки за брејк.
Серена и Венус, во двојки, имаат освоено 14 Грен слем трофеи. Првата титула ја освоија во 1999 година на Ролан Гарос, а последната во 2016 година на Вимблдон.
Имаат шест трофеи од Лондон, четири од Австралија опен, и по два од Ролан Гарос и од Ју-ес опен.
Помладата Вилијамс има 23 титули на Грен слем турнирите, а во третото коло на овогодинешниот Ју-ес опен се среќава со Ајла Томљановиќ. Венус освои десет трофеи во сингл на најголемите четири турнири во сезоната.
Да потсетиме, Серена најави дека турнирот во Њујорк е последен во нејзината кариера.
Извор: Топспорт