Фон дер Лајен и чешкиот премиер ќе свикаат итен состанок за цените на енергијата

Од:

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и чешкиот премиер Петр Фијала се согласија Чешката Република, претседавачот со ЕУ, да свика итен вонреден состанок на министрите за енергетика на земјите-членки да се договорат како да се контролираат ​​цените на енергијата.
Ова денеска го објави Фијала на Твитер и најави „конкретни вонредни мерки за решавање на енергетската состојба“, додека министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела рече дека средбата ќе се одржи во најкраток можен рок.

Тој најави дека решението што Чешка сигурно ќе го поддржи ќе биде да се одредат максимални цени за струјата, гасот и нафтата во ЕУ.

„Исто така, би било можно да се диверзифицираат цените според видот на производството на електрична енергија или да се променат системот на дозволи за емисија. Тоа се многу технички дебати и секое решение има свои поддржувачи“, рече Сикела.

Чешкиот претседател Милош Земан вчера побара да се контролираат цените на енергенсите, кои излегоа од контрола по рускиот напад на Украина, а денеска претставници на чешките регионални власти побараа од владата да започне со регулирање на цените на енергијата од следната година, без оглед на европското решение.

„Порастот на цените е таков што веќе не може да се зборува за криза туку за колапс. Русија го користи гасот како оружје. Нашиот предлог за домаќинствата е владата да премине на регулирана цена од почетокот на годината. Така би се приспособила 75 отсто од вообичаената потрошувачка во конкретниот објект. За јавниот сектор на државата треба да назначи државен продавач на енергија. Законот ќе ги обврзе енергетските компании да му продаваат од 10 до 15 проценти од своето производство“, рече претседателот на Здружението на чешки региони, Мартин Куба.

Министерот за правда Павел Блажек предупреди дека расположението во општеството е најдраматично од падот на комунистите и дека доколку не се реши енергетската криза, се закануваат социјални немири и загрозен е политичкиот систем во земјата.

„Доколку не се најде заедничко европско решение, загрозена е и самата Европска унија“, изјави денеска Блажек на седницата на чешкиот Парламент.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Маж зема воспитувачка како заложник, па и се закануваше со нож, драма во градинка во Чешка

Мигранти пронајдени во камион во Чешка, една жена почина

Маж со нож рани три лица на бензинска пумпа во Прага

Страшна несреќа во Чешка: Повредени се пет лица

(ВИДЕО) Судар на возови во Чешка: четворица мртви, десетици повредени

Катерина Ѓуровски

Чешкиот претседател имаше сообраќајка, пренесен е во болница