Основното јавно обвинителство Штип, по објавени информации на социјалните мрежи и во медиумите, оформи предмет по допрен глас со цел да ги утврди причините за смртта на пациент од Берово кој бил третиран во ЈЗУ Клиничка болница Штип.
– Надлежниот јавен обвинител издаде повеќе наредби до МВР-СВР Штип и до ОВР Берово со цел да се прибави целокупната медицинска документација околу текот на лекувањето на починатото лице од сите приватни и јавни здравствени установи и ординации каде пациентот побарал лекарска помош. Исто така, полицијата е задолжена да изврши разговори со лекарите и со останатиот медицински персонал кој постапувал, како и со членови на семејството на пoчинатиот пациент, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител, согласно член 236 и член 246 од Законот за кривична постапка, денеска издаде Наредба за ексхумација, обдукција и идентификација на телото на починатото лице, која ќе ја изврши Институтот за судска медицина – Скопје. Обвинителството постапува со цел да ги испита наводите за евентуална лекарска грешка при третманот на сега починатото лице, се додава во соопштението на Обвинителството.