Напорите на Италија за брзо намалување на зависноста од рускиот гас ја направија земјата помалку ранлива на прекини во снабдувањето, рече премиерот Марио Драги, нагласувајќи дека резервите на природен гас во Италија се на 80 отсто пред зимата и ќе се зголемат на 90 отсто во октомври.
Тој гас се користи за греење и ладење на домови, производство на електрична енергија и за работа на фабрики.
Италија би можела да биде целосно енергетски независна од Русија до есента 2024 година, доколку основа две нови постројки за регасификација, додаде тој.
– Нашата цел да се диверзифицираме од рускиот гас е од фундаментално значење за да им обезбедиме на граѓаните и компаниите поголема сигурност во стабилноста на снабдувањето – рече Драги, кој поднесе оставка минатиот месец откако клучните десничарски партии ја повлекоа поддршката за неговата влада на национално единство.
Тој останува на функцијата додека не се формира нова влада по парламентарните избори закажани за 25 септември, пренесува АП.