Министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис денеска изјави дека доколку не се постигне договор во Европската унија за забрана за издавање туристички визи за руските граѓани, нема да ја исклучи потрагата по решение во регионот во кое покрај балтичките земји би биле вклучени и Полска и Финска.
Ландсбергис рече дека претпочита „европско решение бидејќи тоа е најодржливо и законски најправилно“.
„Доколку не се најде такво решение, не исклучуваме да бараме регионално решение“, рече Ландсбергис без да објасни што всушност значи тоа.
Петте земји за кои зборуваше, а сите се членки на ЕУ, бараат целата Унија да престане да издава туристички визи за руските граѓани. Сепак, ЕУ не го поддржува тоа решение и ускратување на патувањата на Русите додека трае војната во Украина.
Извор: МИА