Денеска започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по јубилеен 15-ти пат ќе се одржи во Богданци.
Традиционалната меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко. Селекцијата на учесници ја прават академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти. Нивното учество на Графичката работилница е награда за постигнатиот успех за време на студиите.
Годинава во Богданци ќе учествуваат 11 графичари од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија. Ментор е професор Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија, а асистент Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат, а делата ќе ги претстават на завршната изложба на 1 септември во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Од основањето до денес, главен поддржувач на графичката работилница е Печатница „Софија“ од Богданци.
„Графичката работилница веќе петнаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници. Иако славиме мал јубилеј, годинава не добивме никаква поддршка од Министерството за култура. Сепак, тоа не нè поколеба во намерата да го задржиме континуитетот и високиот квалитет кој го негуваме една и пол деценија, по кој работилницата стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот“, вели Виктор Семенпеев, претседател на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое организатор на настанот.
Графичката работилница „Софија“ е меѓународен центар во кој се следат современите тенденции во регионалната, но и европската графичка уметност. На неа досега учествувале повеќе од 200 уметници, поседува фонд од околу 500 дела, а отворена е во текот на целата година.